Атина, 2. октомври 2014 (ИНПРЕС) – Следната недела парламентот во Грција ќе гласа за доверба на актуелната Влада.
Одлуката била донесена на средбата на лидерите на партиите кои ја сочинуваат владината коалиција – премиерот Антонис Самарас, лидер на централнодесничарската „Нова демократија“ и Евангелос Венизелос, вицепремиер, министер за надворешни работи и лидер на централно-левичарската ПАСОК. Доверба се бара, за Грција „да ја демонстрира институционалната стабилност“. Вистинската цел е всушност консолидирање на владејачката коалиција, која се разниша, откако пред неколку дена премиерот Самарас и Венизелос си упатија остри меѓусебни напади.
На синоќешната средба двајцата лидери ги испеглале противречностите. Самарас и Венизелос излегоа со став и во врска со изборот на шеф на државата, бидејќи ингеренциите на актуелниот претседател Каролас Папуљас истекуваат во февруари 2015, а тој нема право да се кандидира за трет мандат.
– Решени сме да демонстрираме политичка стабилност и единствена национална стратегија. Гласањето за доверба ќе стави крај на политичката неизвесност, која се создава во последно време. Неодговорни политички сили и демагозите нема да успеат во обидот да ја пропаднат земјата. Грција ќе оди напред, изјави Венизелос по средбата со Самарас.
Опозицијата реагираше скептично.
– Барањето за гласање доверба е израз на слабост, категорични се од најголемата опозициска партија – СИРИЗА, од каде наведуваат дека одлуките на Самарас и Венизелос се „очајнички обиди да останат на власт уште неколку месеци“.
– Гласање на доверба може да даде само народот, истакна Панајотис Лафазанис, алудирајќи на потребата од нови избори. (Крај)
извор: АФП фото: АП
