Денес и утре уписи на факултетите, на ФТУ има место за 300 бруцоши

Охрид, 29. август 2019 (ИНПРЕС) – Денес и утре на високообразовните институции е првиот уписен рок за идните студенти.

На охридскиот Факултет за туризам и угостителство ќе може да се запишат 300 нови бруцоши.

Според објавениот конкурс по 50 места има на насоките туризам и царина и шпедиција, 45 за менаџмент во услужен сектор, а по 40 на осигурување, гастрономија и хотелско – ресторански менаџмент.
И оваа академска година се активни студиските програми на англиски јазик, на насоката туризам ќе може да се запишат 10, а на царина и шпедиција 25 студенти.

Редовни студенти во државна квота, со партиципација од 200 евра ќе се запишат вкупно 125, редовни со кофинансирање од 400, односно 600 евра – 110, а има место и за 65 вонредни студенти, со партиципација од 400 евра.

Првиот уписен рок ќе се реализра денес и утре, вториот на 13-ти и 16-ти септември и третиот на 24-ти септември.

Како член на Универзитетот „Св. Климент Охридски“- Битола, на охридскиот факултет нема да плаќаат партиципација лица без родители помлади од 26-годишна возраст, доколку се невработени, лица со инвалидност, воени инвалиди и лица растени во домови за напуштени деца.

Уписите пак на Универзитетот за информатички науки и технологии „Св. Апостол Павле“ првиот уписен рок ќе се реализира на 2-ри и 3-ти септември. Според конкурсот идните студенти можат да се запишат на еден од петте факултети и нивните програми: Факултет за компјутерски науки и инженерство, Факултет за комуникациски мрежи и безбедност, Факултет за применети информатички технологии, машинска интелигенција и роботика, Факултет за информатички системи, визуелизација, дигитална, мултимедијална и анимациска техника и Факултет за информатички и комуникациски науки. (Крај)

извор: ИнПрес фото: архива