Собранието на Советот на Европа доцна вечер ќе расправа за извештајот за Македонија

Стразбур, 2. октомври 2019 (ИНПРЕС) – Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПССЕ) доцна вечер ќе расправа за извештајот за постмониторинг дијалогот со Северна Македонија, поточно за следењето на обврските на земјата како членка на Советот на Европа (од 1995 година), пренесе МИА.

Во заклучоците на извештајот, Мониторинг комисијата на ПССЕ констатира дека „од последниот извештај за пост-мониторинг дијалогот со Северна Македонија објавен во 2013 година, се случија важни промени. И покрај поларизацијата на општеството по етнички и политички линии во 2013 година, најголемите политички партии успеаја да ги надминат разликите и да постигнат консензус со тоа што се согласија за демократски пат содржан во Договорот од Пржино од 2015 и 2016 година. Договорот има за цел да опфати критични прашања поврзани со владеењето на правото, судството и борбата против корупцијата.

ПССЕ ја поздравува добрата волја покажана од Северна Македонија и Грција и храбрите чекори што ги презедоа за да се стави крај на долгогодишниот спор околу името, со потпишувањето и ратификација на Преспанскиот договор. Овој договор, според ПССЕ е непроценлив придонес за стабилноста на целиот регион. Исто така, се поздравуваат е напорите на властите, парламентот и народот на Северна Македонија да ги зајакне добрите односи на земјата со соседите (особено Бугарија) и да придонесе за кохезија на регионот.
 
Посетите на известувачите на ПССЕ на Северна Македонија, утврдија дека потпишувањето на Преспанскиот договор доведе до огромна надеж за зајакнување на евроатлантските интеграции – консензуална стратешка цел на земјата. Договорот според ПССЕ ја зајакна и намерата на властите да ги продолжат реформите започнати од април 2017 година, по двегодишната политичка криза што го блокираше процесот на демократизација на земјата.
(Крај)

извор: Вечер фото: архива