Долниот дом на Франција в четврток треба да го ратификува Протоколот за НАТО

Париз, 18. ноември 2019 (ИНПРЕС) – Националното Собрание на Франција в четврток ќе расправа за Предлог-законот за ратификација на Протоколот за членство на Северна Македонија во НАТО. Долниот дом на францускиот Парламент се очекува по расправата да го ратификува Протоколот, откако претходно на 17-ти октомври тоа го стори Сенатот.

По француската ратификација ќе отане уште тоа да го стори Парламентот на Шпанија, кој сѐ уште не е конституиран, со оглед на тоа што таму на 10 ноември се одржаа избори.

Во образложението на предлогот, дадено од француското Министерство за Европа и надворешни работи, се наведува дека пристапувањето на Северна Македонија во НАТО „ќе ја зајакне безбедноста на регионот и на Алијансата во целина“.

– Франција ќе остане особено будна во однос на клучните принципи на процесот на проширување на НАТО, а тоа се проценка на индивидуалните постигнувања на земјите кандидати и нивниот придонес за безбедноста на евроатланстката област – се додава во образложението.

Очекувањата беа дека Протоколот ќе биде ратификуван од сите 29 држави членки до Самитот на Алијансата закажан за 3-ти и 4-ти декември во Лондон, но во Шпанија на 10-ти ноември се одржаа избори, а таму според процедурите новиот состав на Парламентот би се конституирал на 3-ти декември. (Крај)
извор: Плус инфо фото: архива