По бројните реакции во јавноста, започна реконструкцијата на улицата која поминува низ поранешната касарна „Михајло Апостолски“

Охрид, 19. март 2020 (Inpress) – По бројните реакции во јавноста, деновиве започнаа работни активности за комплетна реконструкција на улицата која поминува низ поранешната касарна „Михајло Апостолски“, на потегот од улицата „Кленоец“ до населбата „Радојца Новичиќ“.

– Проектот за реконструкција предвидува асфалтирање на коловозната лента и изведба на тротоари. Исто така, улицата ќе добие и нова сигнализација и осветлување. Овие активности се дел од годишната „Програма за Уредување на градежно земјиште“ и за оваа намена се издвоени околу 13 милиони денари од буџетот на општина Охрид. Градежните работи на терен ги изведува фирмата АД „Илинден“ од Струга, информираат од општина Охрид.

Граѓаните кои живеат на овој дел од градот неодамна реагираа на состојбата во која се наоѓа улицата, а особено на тоа што воопшто не е осветлена во текот на ноќните часови, што претставуваше потенцијална опасност за нив, посебно во вечерните часови. (Крај)

извор: Inpress фото: архива