Општина Охрид со активности за справување на ширењето на коронавирусот

Охрид, 21. март 2020 (Inpress) – Во насока на исполнување на оперативните мерки за соодветно и навремено делување при справувањето со коронавирусот, COVID-19, денеска во просториите на охридската Локална самоуправа се одржа координативен состанок со претставници на сите здравствени институции од подрачјето на општина Охрид.

– На состанокот беше дефиниран оперативниот план за згрижување на пациенти кои ќе имаат потреба од болничко лекување, согласно утврдените протоколи од страна на Министерството за здравство и препораките на Светската здравствена организација, информираат од општина Охрид од каде ги соопштија сите преземени мерки.

– Направени се сите потребни подготовки за навремено делување на Одделот за интензивна нега во рамки на ЈЗУ „Општа болница“. Ова ќе биде оддел каде што ќе се згрижуваат пациентите со потешка клиничка слика и потреба од интензивно лекување.

– Целокупната медицинска опрема, ресурси и капацитети за интензивна нега кои што ги поседуваат сите здравствените установи ќе биде на располагање при лекувањето на потенцијалните пациенти во Одделот за интензивна нега во Општата болница

– Целокупниот медицински персонал од јавните здравствени институции, кој според проценките е во доволен број, ќе биде ставен на располагање за навремено и тековно делување, согласно протоколите

– Формирани се тимови од доктори и медицински персонал кои имаат големо искуство во интензивната нега и истите ќе бидат ангажирани за интензивен болнички третман во изолација. За оваа намена обезбедена е соодветна заштитна опрема

– Утврдена е и логистика за координирање помеѓу сите надлежни институции, со цел да бидат ставени на располагање сите ресурси и заеднички да се придонесе за посоодветно надминување на оваа состојба.

– На состанокот беше утврдено да се упати Јавен апел до сите граѓани на општина Охрид да покажат највисоко ниво на јавна свест, да ги почитуваат сите препораки за заштита од коронавирусот COVID-19 и покрај поволните временски услови да останат во своите домови.

– Само така ќе можат да помогнат и да придонесат за зачувување на своето здравје, здравјето на најблиските и целокупното јавно здравје. Да бидеме одговорни, од нас завиди, апелираат од општина Охрид. (Крај)

извор: Inpress фото: архива