Укинати царини за 13 медицински производи, ќе следи намалување на царините за прехрамбената и месната индустрија

Скопје, 24. март 2020 (Inpress) – На предлог на министерството за економија Владата стопроцентно ги укина царинските давачки за 13 медицински производи, кои се се увезуваат како потрошен медицински материјал. Укинувањето на царинската стапка за овие стоки ќе важи до завршувањето на вонредната состојба поради корона виирусот, рече на денешната прес конференција министерот за економија Крешник Бектеши.

– На оваа листа се наоѓаат: етил алкохол од 80% алкохол, етил алкохол и други алкохоли, сапуни за тоалетна употреба и други сапуни и други производи и препарати за миење на кожа во форма на течност или крем за продажба на мало, препарати приготвени за продажба на мало со или без содржина на сапун, детергенти и препарати за перење и чистење, пластична облека и прибор за облека, тектилни драпери кои се употребуваат при хируршки процедури, маски пластични со текстилен филтер и очила со стакла од пластика, рече Бектеши.

Покрај тоа Владата донесе одлука да се замрзнат и цените за потрошен медицински материјал и медицинска опрема и апарати на цената која била утврдена на 11-ти март кога СЗО прогласи пандемија од корона вирусот, а цените ќе се применуваат до 30-ти април.

– Целта на оваа мерка е да се вратат цените на маските, ракавиците и друг медицински материјал и опрема  кои пораснаа по неколку пати поради зголемена побарувачка од граѓаните како средства за основна заштита од Ковид 19, истана Бектеши.

Тој додаде дека во делот на намалување на царините ќе бидат донесени уште мерки на барање на компаниите од месната и прехранбената индустрија со цел намалување на цените и овозможување непречено работење на оваа индустрија и увоз на репроматеријалите кои им се потребни. (Крај)

извор: Inpress фото: архива