Од викендов започнува летното сметање на времето

Охрид, 25. март 2020 (Inpress) – Претстојниов викенд започнува летното сметање на времето.

Вечерта помеѓу 28-ми и 29-ти март во 02:00 часот наутро стрелките на часовникот треба да се поместат еден час напред, со што времето во 02:00 ќе се смета како 03:00 часот.

Летно сметање на времето или летно време е договорено правило за поместување на часовниците така што попладнето да има повеќе дневна светлина, а за сметка на тоа утрата да бидат пократки. Вообичаено е часовниците да се поместуваат еден час нанапред на пролет, а да се враќаат еден час наназад на есен. Овој систем е предложен во 1905 година од Вилијам Вилет, а првпат бил широко применет во 1916 година.

Ќе биде ли ова последно поместување на стрелките? За укинување на ваквата пракса во рамките на ЕУ се зборуваше и минатата година кога Европската комисија предложи укинување на летното и зимското сметање на времето најдоцна до оваа година, а Советот на министри за транспорт и телекомуникација изрази загриженост за подготвеноста на земјите членки да се прилагодат на новите услови во толку краток временски период по што повика на одложување на суспензијата за промена на времето. По ова, постигнат е компромис новата директива да стапи на сила од 1-ви април, а последното менување на стрелките да биде ова во март 2020 година. (Крај)

извор: Inpress фото: архива