ФЗОМ: Да не се прават непотребни залихи по домовите, лекови има доволно

Скопје, 26. март 2020 (Inpress) – Граѓаните да не прават непотребни залихи на лекови во нивните домови, да ги почитуваат стручните препораки кои ги добиваат од матичните лекари, да се применува примарно телефонска и електронска комуникација помеѓу осигурениците и здравствените установи, освен при неодложна здравствена потреба, апелираат од Фондот за здравствено осигурување, а во согласност со донесените вонредни рестриктивни мерки од страна на Владата. 

– Да не се бара упатување и да не се посетуваат специјалистите заради продолжување на хроничната терапија, бидејќи сите специјалистички извештаи, конзилијарни мислења и отпусни писма издадени во 2019 година ќе важат до завршување на важење времените мерки.  Осигурениците да не инсистираат и да не бараат матичните лекари да им пропишуваат лекови на рецепт без медицински индикации (по нивна желба и кои не им се потребни). Осигурениците да ги почитуваат стручните фармацевтски препораки кои ги добиваат во аптеките за начинот на правилна употреба на лековите и другите фармацевтски или медицински производи кои ги користат. Да не се посетуваат масовно аптеките и матичните лекари особено не во првите денови од месецот бидејќи лекови на рецепт на товар на Фондот има во доволни количини во промет одобрен од Агенцијата за лекови и медицински средства, додаваат од ФЗОМ.

Оттаму бараат сите да се однесуваме одговорно и без паника, со што ќе го заштитиме нашиот здравствени систем, а со тоа и сите нас како граѓани. Само со заеднички напори може да се обезбеди поквалитетна здравствена заштита за сите, апелираат од Фондот. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива