#SediSiDoma: Да го вратиме сјајот на охридското „ОСТРОВЧЕ“

#SediSiDoma: Да го вратиме сјајот на охридското „ОСТРОВЧЕ“

Охрид, 29. март 2020 (Inpress) – Во насока на следење на препораките за спречување на ширењето на Коронавирусот, OhridPress секојдневно Ви објавува интересни содржини за охриѓани да останат во домовите, но и да имаат нешто интересно за следење.

За денес премиерно Ви ја нудиме Тв емисијата посветена на охридското „ОСТРОВЧЕ“, кое некогаш било секојдневно собиралиште, место каде се раѓале првите љубови, се создавале нови пријателства, се спортувало, каде имало заедничка дружба на различни тајфи…

Деновиве повторно сме сведоци на неговото распаѓање, под ударот на времето и моќта на Охридското Езеро, па затоа емисијата чија премиера беше закажана за средината на април, Ви ја нудиме неколку недели порано.

Ова култно место мора да биде запишано во аналите и колективната историја на градот Охрид. Треба да се направат напори да му се врати стариот сјај и да му се даде соодветна естетска, но и употребна форма за генерациите кои доаѓаат по нас.

За тоа какво било, какво е, но и какво сакаме да биде во иднина разговаравме со историчарот доц. д-р Никола Митровиќ- Бабе, Кире Чорбе, дипл. градежен инженер во пензија, проф. д-р Павле Митрески, екологистот Ѓоко Зороски, Горан Устијаноски, капетан на Капетанијата на македонските пристаништа, но и бројни граѓани, кои се сеќаваат на „Островчето“ од нивната младост.

И покрај исклучително лошата состојба во која се наоѓа, охриѓани и гостите го користат за кратки прошетки и фотографирање на градот. Велат дека треба да се уреди ова место и да му се даде функција и да му се вратиме сјајот на нивното охридско „ОСТРОВЧЕ“.

Супер радио ги сними постарите граѓани кои ги кажаа своите сеќавања, исполнети со емоции, но и помладите, кои ќе го наследат градот и треба да го развиваат, унапредуваат и да му дадат лик на едно современо и урбано место. Охрид е град во кој секое камче крие многу историја, но кој мора и плански да се развива, за да биде во чекор со времето кое го живееме. За таа цел распишавме и Конкурс на кој се пријавија млади архитекти, кои ни ја пренесоа нивната визија за тоа како треба да изгледа овој простор.

– Првобитната замисла за овај проект, беше да се сочува постоечкиот изглед на пристаништето, но и да се додадат содржини за сите возрасни групи, вели арх. Јована Џокиќ Ристевска, победник на Конкурсот за идејно решение за малото пристаниште на Супер радио.

Во емисијата која има и своја англиска верзија, се користени стари фотографии и од Facebook групата „Охрид – слики од минатото“ кои ја раскажуваат приказната за едно убаво време, длабоко врежано во спомените на постарите охриѓани. (Крај)

извор: Inpress фото: Супер радио/FB Охрид – слики од минатото видео: Супер радио