Ангеловска: Парите од „Мој ДДВ“ ќе им бидат исплатени на граѓаните

Скопје, 1. април 2020 (Inpress) – Во однос на мерката за поврат на ДДВ кај физичките лица граѓаните кои скенирале сметки во првото тромесечие од годинава ќе си ги добијат парите назад, истакна на прес конференција министерката за финансии Нина Ангеловска.

Таа потенцира дека самото име на проектот „Пари назад кај граѓаните“ кажува дека тоа се нивни пари и ќе бидат исплатени. Во моментов не се разговара за целосно укинување на проектот, пристигнуваат предлози од граѓаните кои ќе бидат разгледани, а се во насока на пренамена на овие средства или доброволно донирање во солидарниот фонд.

– Воопшто не зборуваме дали ќе се одложи плаќањето на средствата за првото тромесечие од оваа година. Напротив, сите граѓани кои скенирале сметки предвидените средства ќе си ги добијат назад. Во однос на тоа дали ќе се прекине или одложи проектот „Мој ДДВ“ до нас стигнаа предлози од граѓани кои велат треба да покажеме солидарност и ние. Во моментов не се разговара за целосно укинување на проектот. Доколку пристигнат повеќе предлози, доколку граѓаните сметаат дека треба овие средства да се пренасочат во други мерки или во солидарниот фонд кој ќе биде отворен, секако за тоа ќе разговараме. Како дел од предлозите беше преку самата апликација да се даде можност на граѓанинот доколку сака средствата да ги донира во солидарниот фонд. Сите предлози и сугестии ќе бидат разгледани, потенцира Ангеловска.

Проектот „Мој ДДВ“ започна од 1-ви јули минатата година, со кој граѓаните со скенирање на валидни фискални сметки имаат право на поврат од 15% од пресметаниот ДДВ, а парите се префрлаат на нивните сметки квартално. (Крај)

извор: Inpress фото: архива