#SediSiDoma: „Корона прашалник“ со Сашо Михајлоски на OhridPress

#SediSiDoma: „Корона прашалник“ со Сашо Михајлоски на OhridPress

Охрид, 6. април 2020 (Inpress) – Со интервјуа со бројни охриѓани, Супер радио и OhridPress ја продолжуваат кампањата #SediSiDoma.

За тоа како го поминуваат времето во карантин, како најбрзо поминува времето, со кои активности најчесто го исполнуваат, денес разговараме со Сашо Михајлоски, вработен во „Охридска банка“ и момче кое одлично го познава охридскиот асфалт.

OhridPress: Како се справувате со карантинот. Дали следите постојано на медиумите што се случува или се одлучивте за комплетна изолација?

Михајлоски: Како се справувам… Од кога се донесоа мерките за ограничено движење одам на работа со оглед на тоа што работам во банкарска институција каде има потреба да се излезе во пресрет на клиентите и непречено продолжување на работните процеси… Комплетна изолација не практикувам, понекогаш излегувам со потреба за пазарење или на кратка прошетка подалеку од градската средина. Во дел од денот кога сум во домашни услови, медиумите ги следам ограничено, односно ќе ги излистам најновите информации за бројот на новозаболени, евентуално ќе изгледам прв дневник, ќе си дадам некои свои заклучоци и толку… Не дозволувам да ме обземе паника од ситуацијата, гледам реално на работите и гледам да се заштитам себеси и најблиските со тоа што не остварувам никакви контакти.

OhridPress: Неколку совети од Ваша страна, односно што практикувате во домот за побрзо да помине времето во изолација?

Михајлоски: Фатете се на средување на работи за кои секогаш викаме дека ќе ги средиме кога ќе имаме повеќе слободно време. Среди гардеробер, среди ги подрумите, тргни ја облеката од Орбитрекот кој служит како закачалка и извози го добро, испоти се, замени некоја прегорена сијалица, среди ја чешмата која капит цело време итн…

OhridPress: Дали може да ни предложите некој филм, серија, музика или книга за нашите читатели?

Михајлоски: Па во последно време гледам серии. Ја следам „Топло Ладно„ и „Наркос“ на Телма, слатко се смеам на епизодите на „Преспав“, за оние кои имаат Нетфликс би ја препорачал за љубителите на политички трилер серијата „House of cards“ со Кевин Спејси, како и шпанската хит серија La casa de papel – Мани хаист.

OhridPress: Додека сме во домовите се конзумира повеќе храна. Некој предлог за омилено јадење за полесно да помине карантинот?

Михајлоски: Печено прасенце.. Речено е.. Нема лепше птице од прасице… Ем ќе помине квалитетно време да се припреми и испече, ем слатко ќе се најадиш, ем ќе бидиш расположен по јадењето.

OhridPress: Се надеваме дека за брзо време ќе го надминеме и овој сериозен предизвик. Што ќе направите прво по нормализирањето на состојбата и укинувањето на вонредната состојба?

Михајлоски: Прво ќе му се заблагодарам на Господ за тоа што не зачувал мене мојата фамилија и сите нас од поголемо зло. Друго, ги викам другарите во „Два Бисера“ во Лагадин на рибна чорба, може и селска кајгана со пиперки и уштипци, и задолжително тулумба. За друго не знам… Ништо посебно. Ќе си продолжам со старите навики и евентуално нови планови во животот. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива