Кризниот штаб на општина Охрид бара воведување на забрана за влез на жители од други општини во Охрид

Охрид, 10 април 2020 (Inpress) – Кризниот штаб на општина Охрид за превенција и справување со Корона вирусот Ковид-19, побара од Кризниот штаб на Владата на Република Македонија да ја разгледа можноста за воведување на забрана за влез на жители од други општини во општина Охрид и да се зголеми контролата на жителите од општина Охрид при влез и излез од градот.

– Оваа мерка е неопходна непосредно пред Велигденските празници, со цел да се намали, односно да се оневозможи посетата на градот за туристички, верски и рекреативни цели. Барањето се заснова и на фактот што во Охрид и околните крајбрежни населби има голем број на викенд станови и куќи чии сопственици во периодот на Велигденските и првомајските празници, ги користат за одмор и викенд престој. Врз основа на најавите за поволните временски услови кои се очекуваат во текот на наредните две седмици, оваа мерка е навистина неопходна. Оваа мерка значително ќе придонесе и за намалување на ширењето на вирусот и заштита на граѓаните на Охрид, со тоа што ќе се оневозможи и редовна комуникација и фрекфенција на граѓаните од територијата на општина Струга и селата од струшкиот регион каде што бројот на заболени од Ковид 19 секојдневно расте. Ова особено се однесува на градежни работиници кои работат на градежни објекти во Охрид, а потекнуваат од струшкото кризно подрачје, информираат од Кризниот штаб на општина Охрид. (Крај)

извор: Општина Охрид фото: Inpress