КИЦ „Култура 365“ подарува пакет книги

Охрид, 15. април 2020 (Inpress) – Во времето на ограничено движење и собирање на луѓе, кога сите културни институции ги затвораат своите врати, охридскиот алтернативен културно-информативен центар „Култура 365“ го започнува проектот „Култура во време на пандемија“.

Проектот ќе се спроведува во наредниот период согласно условите кои произлегуваат од новонастанатите вонредни состојби.

Првата акција е насочена кон задоволувањето на интересите на читателската јавност. Почнувајќи од денес, љубителите на книгата ќе имаат можност да добијат бесплатен пакет од три книги. Тоа се романот „Премин во маглата“, збирката раскази „Сто години копнеж“ и публицистичкиот труд „Македонци, А. ден Долард и други Холанѓани“ од македонскиот писател и публицист Мишо Јузмески.

Заинтересираните љубители на книгата, бесплатниот пакет со книги можат да го добијат на својата домашна адреса. Нарачката може да се изврши со доставување на името и точната адреса преку електронска пошта на следнава адреса: itvo@t.mk

Акцијата ќе трае сѐ до исцрпувањето на тиражот или до завршувањето на вонредната состојба. (Крај)

извор: Inpress фото: архива