#SediSiDoma: „Корона прашалник“ со Долорес Атанасова- Лори на OhridPress

#SediSiDoma: „Корона прашалник“ со Долорес Атанасова- Лори на OhridPress

Охрид, 17. април 2020 (Inpress) – Со интервјуа со бројни граѓани, Супер радио и OhridPress ја продолжуваат кампањата #SediSiDoma.

За тоа како го поминуваат времето во карантин, како најбрзо поминува времето, со кои активности најчесто го исполнуваат, денес разговараме со поетесата Долорес Атанасова- Лори.

Image may contain: 1 person, indoor

OhridPress: Како се справувате со карантинот. Дали следите постојано на медиумите што се случува или се одлучивте за комплетна изолација?

Д.А. Лори: Карантинот не го сфатив сериозно на почетокот, особено затоа што бројките на заболени не беа сериозни. Се разбира, сега, пет недели подоцна, целиот однос кон ситуацијата е сменет, сега сите сме во грч, бомбардирани со информации, непредвидливост. Сега ги следам медиумите умерено, колку да знам до каде сме, за разлика од почетокот кога следев секакви медиуми со информациите кои ги трупаа.

OhridPress: Неколку совети од Ваша страна, односно што практикувате во домот за побрзо да помине времето во изолација?

Д.А. Лори: Се изнаслушав работи за тоа што може да се прави дома, сега кога имаме време, па да го искористиме да бидеме повеќе со фамилијата, па да прочитаме некоја книга, или да одвоиме време само за себе… Јас сето тоа секако го правам, не ми требаше карантинов за тоа, и почнува да ми смета тоа навалување, инсистирање, да се направи нешто, сега, додека сме затворени. Ќе испадне дека ниту на себе сме мислеле, ниту на другите, на фамилијата, ниту книги сме читале, ниту филмови сме гледале, и ќе испадне дека ова карантинов е благослов. Како и да е, за здравјето се работи, и мораме да го истераме до крај. Останете дома. Јас ја имам таа среќа да можам да работам од дома и да не ми се смени многу секојдневието, а она што е поинаку сега е тоа што движењето кое ми е ограничено со полицискиот час го заменив со вежбање по дома и ми е многу важно, ми помага да заборавам на фактот дека сум затворена меѓу ѕидови најголем дел од денот. Значи, вежбајте; јога, пилатес, таеквондо, што и да е. И читајте книги.

OhridPress: Дали може да ни предложите некој филм, серија, музика или книга за нашите читатели?

Д.А. Лори: Па ако не ви се прочитани Сапиенс од Харари или поезијата на Игор Исаковски, ако не сте ја гледале документарната серија Our Planet, ако не сте ги слушале GoGo Penguin, и остатокот од океанот на убави работи на овој свет, од каде ќе бирате според сопствениот вкус, сега можеби ќе можете.

Image may contain: 1 person, closeup

OhridPress: Додека сме во домовите се конзумира повеќе храна. Некој предлог за омилено јадење за полесно да помине карантинот?

Д.А. Лори: Не дозволувајте да останете без сладолед, вкусно сирење и листа со пријатели кои одлично готват и со љубов споделуваат и помагаат при експериментирање со нови рецепти. Сè што ви останува е да уживате, и да не претерувате, доаѓа лето.

OhridPress: Се надеваме дека за брзо време ќе го надминеме и овој сериозен предизвик. Што ќе направите прво по нормализирањето на состојбата и укинувањето на вонредната состојба?

Д.А. Лори: Живеам во Скопје, ми недостига Охрид, и тоа не е ништо ново, само што сега, за разлика од порано, одбирам да не одам Охрид, така е подобро. Значи, Охрид ќе си одам. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива