Се санира канализационата линија на улица „Кеј Македонија“

Охрид, 25. април 2020 (Inpress) – Екипи на ЈП „Нискоградба“ Охрид и АД „Илинден“ од Струга, денес изведуваат неопходни активности за санација на дефект на канализационата линија на дел од улицата „Кеј Македонија“.

Според најавата, градежни работи ќе има денес, сабота 25-ти и утре, недела, 26-ти април 2020 година.

Во овој период ќе биде целосно затворена за сообраќај дел од улицата „Кеј Македонија“, од крстосницата со улица „Јане Сандански“ до крстосницата со улицата „АСНОМ“.

Вчера започнаа и активностите за реконструкција на улицата „Абас Емин“. Проектот е поделен на два дела, првиот дел, за изведба и реконструкција на фекалната, атмосферската и водоводната мрежа на улицата се реализира со поддршка на Министерството за транспорт и врски и со средства од Европската банка за обнова и развој. Вториот дел од инвестицијата, кој опфаќа комплетна реконструкција на коловозната лента и тротоарите во должина од 1.100 метри, од крстосницата со булевар „Туристичка“ до крстосницата со улицата „Железничка“ ќе се реализира со средства од Буџетот на Општина Охрид. Вредноста на вкупната инвестиција е околу 40 милиони денари. Во рамки на активностите за реконструкција на целокупната подземна инфраструктура, првично ќе биде опфатен потегот од крстосницата со булевар „Туристичка“ до крстосницата со улицата „Македонски Просветители“. (Крај)

извор: Inpress/Општина Охрид фото: Inpress