Од полицискиот билтен: Сообраќајка кај Градиште, разбојништво, непочитување на полицискиот час

Охрид, 18. мај 2020 (Inpress) – На 17-ти мај во 14:20 часот на регионалниот пат Охрид-Св. Наум во близина на авто кампот „Градиште“, случена е сообраќајна незгода во која мопед марка „Хамачи“ со струшки регистарски ознаки, управуван од страна на 35-годишниот В.К. од Струга, излетал од коловозната лента и удрил во заштитниот метален еластичен браник.

Притоа, возачот на мопедот, со возило на Итната медицинска помош е пренесен во специјалната болница за ортопедија и трауматологија „Св. Еразмо“, каде му биле констатирани тешки телесни повреди.

Во друг случај, поради постоење основи на сомнение за сторено казнено дело „разбојништво“, СВР Охрид поднесе кривична пријава против 38-годишниот Д.С. од Охрид. Него, одредена му е мерка притвор во траење од 30 дена по што е префрлен во казнено поправна установа во Скопје. Пријавениот, на 14-ти мај во 12:10 часот влегол во просторијата на акционерското друштво „Македонски Пошти“ лоцирана на улицата „Никола Карев“ во Охрид и, со употреба на остар предмет и закана, од вработените ги побарала парите од прометот. Околу 12:30 часот тој е пронајден и приведен а пронајдени се парите и користениот предмет.

Поради постоење основи на сомнение за сторено казнено дело „непостапување според здравствените прописи за време на епидемија“, ОВР Струга поднесе кривична пријава против 19-годишниот Б.О. од струшкото село Лабуништа. При контрола извршена во селото на 9-ти мај околу 22:00 часот, полициските службеници го затекнале пријавениот кој немал дозвола издадена од надлежен орган за движење во полициски час со цел спречување на ширењето и заштита на населението од заразната болест COVID-19. (Крај)

извор: СВР Охрид фото: архива