Бектеши: Угостителите треба да отворат, но да се почитуваат препораките

Скопје, 19. мај 2020 (Inpress) – Мојот став е веќе кажан во Главниот координативен штаб. Ние како министерство побаравме да бидат отворени угостителите, но пред се’ мораме да ги почитуваме сите препораки, истакна на денешната прес конференција Крешник Бектеши, министер за економија во Владата на Република Македонија.

– Ние имавме наш предлог, но крајниот збор го има Комисијата за заразни болести. Ние веќе дадовме наши сугестии и забелешки, истакна Бектеши.

Комисијата за заразни болести на вчерашниот состанок не дефинираше нови мерки, единствено разговараше за можно отворање на кафулињата. Оттаму велат дека кафулињата, кафеаните и рестораните најверојатно ќе бидат отворени во петок, најдоцна во сабота, но напоменаа дека деновиве дефинитивно ќе се знае. Истовремено велат дека полицискиот час до 19:00 за сега останува на сила.

Министерот за здравство д-р Венко Филипче неодамна изјави дека најава за почеток со работа на угостителските објекти во државата ќе имаме на почетокот на оваа работна недела.

– По донесените протоколи кои ги изработи тимот експерти и епидемиолози ќе може постепено да се вратат во функција угостителските објекти некаде на крајот на следната недела. Но, на почетокот на неделата, сакаме јасно да им укажеме кои ќе се принципите и протоколите кои ќе мора да се почитуваат, за кога ќе почнат со работа секој да знае на кој начин да може да се врати во нормално функционирање, додаде министерот Филипче во интервју за Тв Сител.

Задржување на до четири лица на една маса, кои не мора да се од исто семејство, но на определена оддалеченост меѓу две маси или пак со граничник од плексиглас или стакло. Ова се дел од мерките кои според се’ уште неофицијалните информации ќе стапат на сила од крајот на следната недела, кога под посебни хигиенски услови, на отворени простори односно летни тераси, ќе почне олабавувањето на рестриктивните мерки за угостителскиот сектор. Ќе може да се служат храна и пијалоци, кои ќе бидат дезинфицирани пред да бидат послужени на гостите. Можно е да биде наложено да се користат и чаши, лажички, садови за еднократна употреба. Се размислува и за наплата само со платежни картички. Работното време на кафе баровите и рестораните за почеток би било до 18:00 или 19:00 часот.

Деновиве низ Охрид, додека се чека одлуката за почеток со работа, угостителите ги подготвуваа објектите, се чистеа и дезинфицираа внатрешноста, масите и столиците, терасите. Дел од нив започнаа да служат т.н Coffee to go, односно продажба на кафе во хартиени чаши. Истото се продава од посебни шалтери, без да се влегува во објектот. Граѓаните купуваат кафе и истото го пијат на отворено, на клупа покрај езерото и во разговор со пријателите. Истовремено останува обврската граѓаните да носат заштитни маски во секој затворен објект и на отворено каде што не може да се обезбеди доволна оддалеченост меѓу граѓаните, како на пример на зелените пазари и тн. (Крај)

извор: Inpress фото: Inpress