Македонското еколошко друштво со пребројување на пеликаните од Преспанското Езеро ќе го одбележи Меѓународниот ден на биолошката разновидност

Скопје, 21. мај 2020 (Inpress) – Македонско еколошко друштво во соработка со Општина Ресен и Националниот парк „Галичица“, оваа година Меѓународниот ден на биолошката разновидност – 22-ри мај ќе го одбележи со пребројување на пеликаните од Преспанското Езеро.

Досега на овој ден во целиот свет институциите и организациите што работат на заштита на биодиверзитетот организираа масовни настани и едукации со цел подигнување на јавната свест за значењето на биолошката разновидност, но поради пандемијата со КОВИД-19 годинава овие средби остануваат во виртуелниот свет.

– Се со цел доближување на природните убавини во нашата земја МЕД одлучи на 22 мај (петок) на своите социјални мрежи преку целиот ден да споделува слики и видеа од теренската активност за пребројување на пеликаните во Преспа. Затоа во петок следете не на фејсбук и инстаграм и уживајте во глетките од Преспанското Езеро“, велат од МЕД.

Броењето на пеликаните МЕД го спроведува од 2013 година. Пеликаните кои секојдневно доаѓаат да се хранат во македонскиот и албанскиот дел од Големото Преспанско Езеро припаѓаат на најголемата гнездечка популација на овој вид во светот, која се наоѓа на Малото Преспанско езеро. (Крај)

извор: Inpress фото: архива