Вујо раскина со Загреб, ќе се враќа ли во Вардар?

Вујо раскина со Загреб, ќе се враќа ли во Вардар?

Загреб, 22. мај 2020 (Inpress) – Веселин Вујовиќ, повеќе не е тренер на ППД Загреб, откако потпишал спогодбен раскин на договорот поради несогласување на понуденото кратење на платата поради кризата со коронавирусот.

Црногорскиот стратег изминатиов период работеше со хрватскиот тим, кој претрпе голем удар губењето на поддршката од градот Загреб, како и по најавата за повлекување на дел од спонзорите. Вујовиќ не прифати да остане под новите, полоши услови и реши среќата да ја побара на друго место.

Знаејќи ја неговата поврзаност и големо пријателство со новиот газда на Вардар, Михајло Михајловски, со кого работеше пред клубот да биде преземен од Сергеј Самсоненко, веднаш почнаа шпекулациите дека популарниот Вујо повторно би можел да се врати на клупата на црвено-црните.

„Новиот“ Вардар официјално ќе почне да функционира на 1 јуни, најверојатно со Стевче Алушовски во улога на тренер, како што неодамна најави Михајловски. Сепак, никако не треба да се потцени можноста за измена на работите, особено во ситуација кога во улога на „слободен агент“ на пазарот е миленикот на Комити и тренерот кој во минатото направил многу за црвено-црниот состав. (Крај)

извор: Спорт1.мк фото: архива