Градинките се отвораат на почетокот, границите на средина на јуни, за угостителите се’ уште нема потврда

Скопје, 23. мај 2020 (Inpress) – На почетокот на јуни ќе почнат со работа градинките, а очекувањата се границите да се отворат кон средината на јуни, информираше македонскиот министер за здравство д-р Венко Филипче.

Оние лица пак, кои со хуманитарни летови влегуваат во државата, треба да приложат ПЦР тест за коронавирусот и наместо во задолжителен државен карантин, ќе се упатат во задолжителна домашна самоизолација. Токму средината на јуни, според министерот за здравство, Венко Филипче е најразумен период кога би требало да се отворат границите, апелирајќи дека луѓето можат да одат каде било доколку ги почитуваат мерките.

– Средина на јуни се очекува отворање на границите. Оваа недела би требало да заврши скринингот и веќе од онаа следна недела градинките ќе почнат со работа, значи отприлика на почетокот на јуни, рече Филипче.

За оние лица кои се враќаат од странство со хуманитарни летови или конвои, воведени се нови промени.

Согласно одлуката на Владата, тие пред влегување на територијата на државата треба да приложат ПЦР тест за коронавирусот COVID-19 направен во последните 72 часа, и наместо во задолжителен државен карантин, се упатуваат во задолжителна домашна самоизолација.

– Наместо задолжителен државен карантин, задолжителна домашна изолација се определува и за странци за кои Главниот координативен кризен штаб одлучува во случаи на постоење на државен или економски интерес, и кои ќе приложат соодветна медицинска потврда со негативен резултат од ПЦР тест, со задолжително придржување до протоколите од Комисијата за заразни болести при Министерството за здравство, соопшти во текот на вчерашниот ден Владата.

Во однос на статистиката, вкупно 1.921 дијагностицирани пациенти на COVID-19 има во моментот во државата. Од почетокот на епидемијата, оздравени се 1.387 пациенти, а починати 112. Бројот на активни случаи пак, изнесува 422. Позитивни на коронавирусот се и 14 припадници на Министерството за внатрешни работи, со што од вчера во изолација се ставени 103 полицајци.

Она што е особено важно и го засега Охрид, како најголем туристички центар во државата, секако е и датумот кога ќе започнат да работат угостителските објекти. Неофицијално истите ќе бидат отворени следната недела, но за тоа нема никаква официјална потврда. Угостителите го имаат добиено само протоколот односно начинот по кој треба да работат откако ќе ги отворат летните тераси. (Крај)

извор: Inpress/Алсат М фото: Inpress