Наоми Осака е најдоброплатената спортистка на светот

Њујорк, 23. мај 2020 (Inpress) – Јапонската тенисерка Наоми Осака ја помина Серена Вилијамс како најдоброплатена спортистка, заработувајќи 37.4 милиони долари во последните 12 месеци, објави магазинот „Форбс“.

22-годишната двократна гренд слем шампионка заработи 1.4 милиони долари повеќе од американката Вилијамс, која беше на првото место во последните четири години. Марија Шарапова го имаше рекордот во 12-месечен приход за тенисерка со 29.7 милиони долари во 2015 година.

Тенисерките се на првото место на женската листа на „Форбс“ од 1990 година, а од 2004 година, на оваа листа се менуваа Вилијамс и Шарапова.

Осака стана славна со победата над Вилијамс во финалето на САД опен во 2018 година, во контроверзен меч чиј резултат беше фрлен во сенка по расправањето на Вилијамс со судијата на столче. Таа потоа триумфираше и на Австралија опен, следниот гренд слем на календарот, но формата и падна во 2020 и моментално е на 10. место на ВТА листата.

Нејзиното потекло (нејзината мајка е Јапонка, а нејзиниот татко Американец со потекло од Хаити), ја направи една од најпогодните тенисерки за реклами. Таа е дел од менаџерската група „ИМГ“ и има 15 спонзорски договори, вклучувајќи со брендови како Најк, Нисан, Шисеидо и Јонекс. (Крај)

извор: Топспорт фото: архива