Филмот „Последниот Македонец-патот до истребување“ на охридскиот режисер Илија Пиперкоски вечерва на МТВ 1

Охрид, 23. мај 2020 (Inpress) – Вечерва, во предвечерјето на денот на сесловенските просветители, Светите Кирил и Методиј, на програмата на МТВ 1, од 23:05 часот, по барање на гледачите повторно ќе се емитува играно-документарниот филм „Последниот Македонец-патот до истребување“ на охридскиот режисер Илија Пиперкоски.

Зошто Македонија пред Букурешкиот договор и меѓу Балканските војни не најде сојузници? Зошто братоубиството е правило, а не исклучок? Одговорите се токму во новиот филм на Пиперкоски – „Последниот Македонец-патот до истребувањето“ кој раскажува приказна за разединетоста на револуционерната организација и последиците врз односите меѓу населението.

Станува збор за филм за проблемот на Македонија со името, идентитетот, црквата и интеграциите. Тој треба да не потсети, за да не се повтори. Сценариото открива зошто Македонија пред 100 години не станала држава кога соседите добиле независни држави.

Дел од актерската екипа се: Рубенс Муратовски, Сашко Коцев, Славиша Каевски, Петар Горко, Биљана Драгичевиќ- Пројковска. (Крај)

извор: Inpress фото: архива