Кај нас најмногу се купуваше тоалетна хартија, брашно и квасец; Што купуваа другите земји во светот откако почна пандемијата?

Скопје, 28. мај 2020 (Inpress) – Додека за многумина лудоста на луѓето за некои производи од супермаркетите е тешко да се објасни, факт е дека потрошувачите кај нас очигледно мислеа дека во време на корона кризата насушно им се потребни тоалетна хартија, брашно, квасец и тестенини.

Навиките за купување не се исти насекаде во светот. Ако се разгледува почетокот, односно средината на март, кога во повеќето земји беше воведена вонредна состојба, ќе забележиме дека полиците почнаа вртоглаво да се празнат. Некои земји имаа доволно залихи, а некои се обидоа да им ги обезбедат на луѓето потребните производи.

Соединетите држави го презедоа водството во купување тоалетна хартија, додека во Мексико се купи најмногу пиво. Тогашните власти ја забранија работата на компанијата произведувач на познатото пиво „Корона“, затоа што пијалокот не спаѓал во листата на „основни производи“.

Во Аргентина, луѓето им даваа приоритет на јајцата, кои веднаш поскапеа. Тие чинеа околу 2,35 американски долари, а потоа нивната цена се искачи на 3,52 долари.

Додека жителите на американскиот континент размислувале за храна и хигиена, Австралијците ги разубавуваа своите градини, па во време на пандемијата, таму е забележано зголемување на продажбата на сите видови украсни и градинарски растенија.

Далечниот Авганистан забележа недостаток на црн чај, поради неговите лековити својства. Таму владее верување дека овој вид чај е лек против короната, што, се разбира, ја зголеми цената 3 пати.

Французите покажаа мала доверба во чајот и сметаа дека во овие периоди на криза ќе им треба најмногу брашно. Шри Ланка ја забрани продажбата на алкохол и цигари од 20 март, но тоа ја поттикнало дестилацијата на алкохол во домашни услови, што ја зголемило потрошувачката на шеќер.

Интересно е што во Ирак, седењето дома, нервозата и гледањето телевизија си го сторија своето, па драстично поскапеле семките за грицкање и слични апетисани.

Русите масовно купувале мед и ѓумбир, додека во Тунис најмногу му верувале на лукот, како лек против короната.

Во шпанските и грчките супермаркети било забележано недостаток на брашно, чоколадо и квасец, а во Романија почнаа да кружат приказни за „дилери на квасец“ кои се збогатиле среде корона кризата. (Крај)

извор: Hybrid.mk фото: архива