Угостителите со бројни забелешки на протоколите и начинот за работа кој им е доставен

Скопје, 30. мај 2020 (Inpress) – И со новиот протокол повеќе од половина од објектите и натаму ќе останат под клуч. Угостителите со бројни забелешки за начинот за работа кој им е доставен. Мерките кои треба да ги исполнат за да отворат се ригорозни.

Им се дозволува да работат со 30 проценти од капацитетите, а трошоците за плати, сметки, кирии, остануваат исти. Тврдат дека со ваков протокол нема економска логика голем дел од нив да ги отворат терасите, јави Тв Сител.

– Забелешките се испратени и до надлежните. Една од нив е тоа што има преограничување на просторот од 9,6 метри кавдратни за поставување на една маса. Забелешките се суштински и може да се појават два ризика, безбедносен и инспекторите кои треба да го вршат надзорот не знаат точно што треба да конторлираат и после пак ќе излезе дека ние не сме се придржувале кон мерките. Работата се става под знак прашалинк, се дозволува да се работи со 30 проценти од капацитетите, рече Мартин Ангеловски – потпретседател на Комората за угостителство и туризам.

Велат дека се дискриминирани во однос и на другите сектори. Апелираат до надлежните да внимаваат при носењето на мерките затоа што дури 40 проценти од угостителите се изјаснети дека нема да продолжат со работа. Со тоа многу работници ќе останат на улица, зашто од работата на угостителите зависат и други бизниси.

– И државните институции како и угостителите се затворени со уредба но тие имаат финансии а ние сме оставени сами на себе да се снаоѓаме. Исто има и дискиминација во однос на државниот сектор со приватниот сектор. Во однос на моловите, автошколите не се бара да се возат кандидати да има таму метар до два растојание или во јавниот превоз, а нашите безбедносни стандарди се многу поголеми, рече Ангеловски.

Во протоколот за работа на неколку страници е наведено на колкаво растојание треба да бидат поставени масите, колку лица може да седат на една маса, со што се треба да бидат опремени објекти, каква заштитна опрема треба да носат и персоналот и гостите кои ќе дојдат.

Според најавите на почетокот од идната недела треба да се донесе конечна одлука кога угостителите ќе можат да ги отворат вратите. Ова е еден од најпогодените сектори од кризата со пандемијата. (Крај)

извор: Тв Сител фото: архива