Призма анализа: Охрид и УНЕСКО – ред мерки, ред парапетчиња

Скопје/Охрид, 30. мај 2020 (Inpress) – Роковите за исполнување на препораките од УНЕСКО за заштита на Охрид и на Охридско Езеро се одамна изминати, а досега се исполнети само некои, и тоа, пред сѐ, административните. Дел од активностите се запрени поради пандемијата од корона вирусот, а друг дел допрва треба да почнат.

Во јавноста, која постојано сведочи информации и фотографии за изградени парапетчиња на плажите, ѓубришта покрај езерото или изјави на локални властодршци што „баш ги брига“, се шири впечатокот дека состојбите на теренот се влошуваат, стои во анализата на новинарот Гоце Трпковски за порталот prizma.mk.

Од Владата велат дека се обидуваат да направат сѐ што можат, и дека ја разгледуваат идејата да го стават целото подрачје под посилна владина контрола ако локалните власти и понатаму имаат тешкотии или немаат волја да ги решат проблемите.

Уште од 2017 година, Охрид и езерото сe во ризик да бидат ставени на листата на светско наследство во опасност. На таа листа има 53 локации во светот, главно во безбедносно нестабилни подрачја на Блискиот Исток и во Африка, или на места што се тешко погодени од климатските промени, како Флорида во САД.

Од една страна, промената на статусот може да има позитивни ефекти и да придонесе за поголем ангажман на светската организација и на нејзините стручни тела ИКОМОС (за културното наследство) и ИУЦН (за природното) во заштитата на регионот.

Од друга страна, таа се толкува како неспособност на државата сама да се грижи за светското наследство на својата територија, па владите обично се обидуваат да ги избегнат тие одлуки, како што беше случај на минатогодишната седница на Комитетот за светското наследство што се одржа во Азербејџан.

Комплетната анализа ОВДЕ. (Крај)

извор: prizma.mk фото: Inpress