Започна уривањето на нелегалните објекти во Охрид (Фото/Видео)

Охрид, 15. јуни 2020 (Inpress) – Општина Охрид денес започна активности за отстранување на урбаната опрема и остатоците од објекти кои се лоцирани на крајбрежјето на Охридското Езеро, на потегот од „Горица 3“ до ЈЗУ Специјализирана болница за превенција, лекување и рехабилитација на кардиоваскуларни заболувања во населбата „Свети Стефан“.

– Се работи за урбана опрема и градби кои се надвор од опфатот на Генералниот урбанистички план. По завршувањето на активностите за отстранување на овој потег од крајбрежјето, ќе се пристапи кон отстранување и на останатите објекти, потпорни ѕидови, шанкови, метални конструкции и настрешници, кои исто така се надвор од опфатот на Генералниот урбанистички план и навлегуваат во КП 1/1 Охридско Езеро. Објектите кои се наоѓаат во опфатот на Генералниот урбанистички план ќе бидат решавани со изготвување на Урбанистичко-планска документација за крајбрежје, согласно Планот за управување со природното и културното наследство на Охридскиот регион, информираат од општина Охрид.

Читатели на OhridPress денес испратија до редакцијата и фотографии и видео од самото рушење.

По донесената Уредба од страна на Владата за уривање на објектите, плажите не престануваат да се Топ тема и предизвикаа бурни реакции во охридската јавност. Според дел од граѓаните станува збор за личен бизнис на поединци кои во голем дел го нарушиле просторот, надвор од договорите, додека според други градот ќе изгуби репрезентативни објекти, особено во пресрет на главната туристичка сезона.

Уредбата околу плажите останува на сила се’ додека Министеството за транспорт и врски не го направи урбанистичкото планирање на сите плажи, истакна неодамна Министерот без ресор задолжен за дијаспора и претседател на Националната комисија за УНЕСКО, Едмонд Адеми во емисијата Win Win на Тв Телма.

Тој беше дециден дека рушење на плажите ќе има.

– Потоа сето тоа да се вметне во рамките и согласно планот за управување кој е донесен и дури потоа ќе можат општините Охрид и Струга да распишуваат повици за да видиме која плажа ќе се издава, за каква намена и така натаму. Значи, Уредбата останува на сила се’ додека не се реши овој дел, истакна Адеми.

Тој додаде дека мора да има реорганизација и на инспекциите.

– Свесен сум дека и ние како влада и граѓанскиот сектор и охриѓани имаме иста цел – да се зачува Охрид и тоа не поради УНЕСКО, туку поради нас. Ако за нешто треба да се бориме сите заедно кога се работи за Охрид, треба да се бориме заради нас, а не заради тоа што тоа го бара УНЕСКО. Да се биде под заштита на УНЕСКО е добро за имиџ, но ние имаме иста цел и амбиција. Имаме различен пристап, но целта ни е заедничка, напомена Адеми.

Дали денешниот почеток со рушење на дел од објектите е вистински старт на средување на работите во оваа област или ќе помине само како рушењето на семејната куќа, кога помпезно беше најавено уривањето на дивоградбите во Охрид, останува да покаже времето. (Крај)

извор: Општина Охрид/Inpress фото/видео: ОхридПрес