Туристичките водичи останаа без приходи и помош

Скопје, 26. јуни 2020 (Inpress) – Зацврстување на институционалниот дијалог, протоколи за работа како и финансиска поддршка, особена за оние туристички водичи и придружници кои не остваруваат дополнителна дејност се дел од барањата на Македонската асоцијација на туристички водичи и придружници МАТВП при Сојуз на стопански комори на Македонија.

Потпретседателот на МАТВП, Елвир Садиковиќ истакна дека веќе четврти месец како трпат големи финансиски загуби заради откажаните аранжмани, а немаат никаква финансиска поддршка и покрај тоа што уредно ги плаќаат даноци кон државата за дејноста која ја остваруваат.

– Финансиската поддршка во моментот е неопходна за туристичките водичи на кои ова им е основна дејност и немаат приходи по било која друга основа. За таа цел нашите апели се да бидеме вклучени во економските мерки, за амортизирање на штетите и опстанок на луѓето кои се занимаваат со оваа дејност која е од особен интерес за државата. Поради тоа со оглед на незавидно тешката положба на туристичките водичи, МАТВП бара неодложно изнаоѓање начин за финансиска поддршка на нашата професија со економски мерки“, изјави Садиковиќ и додаде дека Македонската асоцијација на туристички водичи и придружници има доставено допис до надлежните институции со предлог мерки за ублажување на последиците во дејноста.

МАТВП ја искажува неопходноста од зацврстување на јавно – приватниот дијалог, со сите релевантни чинители во земјата со цел да допринесе со конструктивни предлози и мерки.

– Она што е од особена важност во овој период е изготвување на протоколи за работа на туристичките водичи, за што сме подготвени максимално да го дадеме својот придонес за нивна успешна реализација. Во таа насока, веруваме дека институциите ќе ги разгледаат нашите предлози како институционален партнер кој веќе има разработено мерки кои треба да овозможт поддршка на краток рок согласно моменталните услови во кои се наоѓаме, а како резултат на здравствено-економскaта криза, но и долгорочно со нивната имплементација може да се стави ред во дејноста и да се елиминира нелојалната конкуренција која предизвикува штети и врз буџетот на државата. Нашиот сектор обединува околу 1000 туристички водичи, кои од месец март не остваруваат приходи, како резултат на состoјбата предизвикана од глобалната пандемија – додаде Садиковиќ.

Секторите во економијата кои беа затворени со уредба иако тешко сепак почнуваат да се отвораат, но состојбата на туристичките водичи е уште пoкомплицирана со оглед на тоа што не се знае кога може да ги очекуваме првите странски туристи за кои би биле ангажирани, а истото важи и за појдовниот туризам.

Согласно комуникацијата на МАТВП со организациите од регионот и пошироко, состојбата во Србија е слична како кај нас, за разлика од Босна и Херцеговина, Турција и останатите земји каде Владите имаат одвоено средства за туристичките водичи и помош на нашата дејност да ја надмине кризата. (Крај)

извор: Плус инфо фото: Плус инфо