Во Охрид нема пријавени лица за гласање на изборите кои се заболени од COVID-19 или се во самоизолација

Во Охрид нема пријавени лица за гласање на изборите кои се заболени од COVID-19 или се во самоизолација

Охрид, 6. јули 2020 (ИНПРЕС) – Досега нема лица заболени од COVID-19 или во самоизолација кои се пријавиле за гласање на предвремените парламентарни избори, информира за Супер радио и OhridPress претседателот на ОИК Климент Камнароски.

Во однос пак на болните, хронично болни и изнемоштени лица досега за гласање се пријавени околу 40 граѓани. Краен рок за пријавување за гласање за заболените од коронавирус и хронично болните и изнемоштени лица е 8-ми јули на полноќ.

Камнароски вели дека подготовките за нормално функционирање на избирачките одбори се веќе завршени, а во тек се нивни обуки.

Вкупно девет здравствени работници од Охрид ќе бидат дел од трите посебни избирачките одбори за COVID-19. Шест од нив ќе бидат претседатели и членови на одбори во Охрид, а тројца во општина Дебрца. Најголемиот дел од здравствените работници се од Општа болница Охрид, а има и од Специјалните болници „Св.Еразмо“ и „Св.Стефан“.
Овие посебни избирачки одбори (ПИО) се формирани за да можат болните од COVID-19 и лицата во изолација и самоизолација да го остварат своето гласачко право.

Поради состојбата со Ковид-19 овој изборен циклус се одвива во специфични услови. Предизборната кампања завршува на 12-ти јули на полноќ, од кога почнува молкот. На 13-ти јули ќе гласаат лицата со Ковид-19 и во самоизолација, на 14-ти јули болните, немоќните, хронично болните и лицата во затворите и во домашен притвор. На 15-ти јули гласањето на парламентарните избори ќе започне во 07:00 часот наутро, а поради актуелната состојбаќе биде продолжено и ќе трае до 21.00 часот. Во Охрид ќе се гласа на 89 избирачки места.

Од ДИК излегоа со задолжителни препораки за здравствена заштита во текот на изборниот процес. (Крај)

извор: ИнПрес фото: архива