Сугарески: Нема да има толеранција во однос на дивоградбите во Охрид и Струга

Сугарески: Нема да има толеранција во однос на дивоградбите во Охрид и Струга

Охрид, 6. јули 2020 (ИНПРЕС) – Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески денес од Охрид порача дека нема да има толеранција во однос на дивоградбите и дека законот ќе се спроведува неселективно.

– Законите мора да важат за сите. Надлежност има Државниот градежен инспекторат онаму каде што немаат ингеренции градоначалникот и општинскиот градежен инспекторат. Таму каде што не постапуваат тие, ќе постапат инспекторите од Државниот градежен инспекторат. Од минатата недела инспекторите се веќе излезени на терен. Станува збор за неселективна примена во делот на дивоградбите, не за човек, не за некој поединец, тоа треба да се однесува за сите. Државниот градежен инспекторат е на терен во регионот на Орхид и Струга, потенцира Сугарески.

Во однос на самоволието кое го демонстрира струшкиот градоначалник Рамиз Мерко, Сугарески со став дека тие можат да калкулираат од страна на општината, но дека од страна на државата нема да се калкулира.

– Зошто би се правело тоа во Охрид, а не во Струга. Инспекциски служби има општината и Државниот градежен инспекторат и врз база на тоа треба да одат и да постапуваат. Сум кажал и претходно, за било која општина мора да се постапува. Ние инсистираме да постапува не само општината, туку и Државниот градежен инспекторат во целост по сите решенија и заклучоци кои се донесени, додаде министерот Сугарески. (Крај)

извор: ИнПрес фото: архива