ГДУ: Време е ДУИ да ја пратиме во опозиција!

Скопје/Охрид, 9. јули 2020 (Inpress) – Следејќи ги изјавите на самонаречените „големи партии“ во последниве неколку дена и нивниот топло-ладно однос во врска со уцената која доаѓа од ДУИ дека следниот премиер на Македонија мора да биде од албанска етичка припадност, би сакале уште еднаш да го повториме нашиот став кој јасно го искажавме уште во првите неколку денови од кампањата – пратениците на ГДУ во новото македонско собрание, кои сега е веќе извесно дека ќе ги има, нема да поддржат Влада во која еден од коалиционите партнери би била ДУИ, порачуваат од Граѓанско Демократската Унија (ГДУ).

Од партијата сметаат дека конечно е дојдено времето да се испрати во опозиција партијата која има најдолг стаж како партиципиент во власта од самото основање на државата, верен партнер и послушник на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ и учесник во сите ретроградни процеси за разнебитување на правната држава, правосудството и системот во целост.

– Идејата на Али Ахмети е очаен обид на етничка карта да ги искористи гласачите за последен пат да го одржат на власт. Ова е обид за „достојно пензионирање“ на Ахмети, чие време на политичката сцена заврши. Наместо да понудат промена на својата структура, нови прогресивни идеи и проекти за иднината на Македонија, за Македонците, Албанците, Турците, Ромите, Египќаните, Србите и сите останати кои живеат тука, тие се враќаат на националистички реторики со уцени и спотови кои презентираат кадри од конфликтот и тоа темно време за земјата сакаат подмолно да го злоупотребат за политички поени. Затоа, уште еднаш сакам да потенцирам и да им порачам на сите останати партии – ГДУ нема да прифати владина коалиција со ДУИ, зашто е дел од најголемите криминалните и коруптивни активности во последните 20-тина години кои беа на штета на секој граѓанин на Македонија, вели Даниел Јорданоски, носител на ГДУ во Изборната единица 5.

Јорданоски додава дека овој став е и повик до сите други политички партии кои и мислат добро на нашата држава, без разлика дали првенствено им се обраќаат на македонскиот, албанскиот или друг етнички изборен електорат во Македонија, да се придружат на повикот за праќање на ДУИ во опозиција. (Крај)

извор: ГДУ фото: архива