Почнуваат со работа школите за пливање кај старото пристаниште во Охрид

Почнуваат со работа школите за пливање кај старото пристаниште во Охрид

Охрид, 13. јули 2020 (Inpress) – Пливачката школа „Охридски бранови 2008“ од денес, а „Акваспирит“ веќе од утре стратуваат со тренинзи.

Оваа година школите ќе функционираат кај старото пристаниште, пред хотелот „Палас“, со строго почитување на протоколите поради ситуацијата со пандемијата на COVID-19. И од двете школи потенцираат дека оваа сезона далеку помал е бројот на деца кои ќе ги учат и усовршуваат тајните на пливањето.

Од денес веќе почнаа да се држат часовите на школата „Охридски бранови 2008“, а тренери се професорите Катерина Стојаноска и Ристе Јанкоски.

– Оваа година тренинзите по пливање ќе се одржуваат во означеното пливалиште на малото пристаниште во водите на Охридското Езеро. Мора да се признае дека интересот е многу помал од изминативе години заради настанатата ситуација. Нашата школа ќе работи со строго определен протокол со помал број на пливачи и со строго запазени мерки за заштита.Термини кои ќе ги користиме за тренинг се од 09.00 часот до 11:30 часот, секој работен ден од понеделник до петок, вели за Супер радио и OhridPress професорката Стојаноска.

Поради временските услови школата „Акваспирит“ ќе започне со работа од утре. Тренери се професорите Славчо Цветкоски и Миле Јовановски.

– Поради ситуацијата со пандемијата на COVID-19, тренинзите ќе се одвиваат по строг протокол за работа, кој сите ние мораме да го почитуваме, а бројот на пливачи е ограничен. На располагање имаме шест стази, а вршиме упис на деца над 8 годипна возраст. Кај почетниците еден тренер може да подучува до пет деца, додека кај поголемите групи максимум до тројца. Што значи оваа сезона можеме да примиме 50-60 ученици. Ние ќе ги користиме термините од 10:30 до 13:15 часот, информира за Супер радио и OhridPress Цветкоски.

Овој препознатлив дел од Охрид и во минатото го користеле пливачките школи, било култно место, собиралиште, место каде се раѓале првите љубови, се создавале нови пријателства, се спортувало, каде имало заедничка дружба на различни тајфи…

Во насока ова култно место мора да биде запишано во аналите и колективната историја на градот Охрид, да се направат напори да му се врати стариот сјај и да му се даде соодветна естетска, но и употребна форма за генерациите кои доаѓаат по нас, Супер радио ја изработи Тв емисијата посветена на охридското „ОСТРОВЧЕ“. (Крај)

извор: Inpress фото: Inpress