70 години ЈЗУ Специјализирана болница за ортопедија и трауматологија „Св. Еразмо“

70 години ЈЗУ Специјализирана болница за ортопедија и трауматологија „Св. Еразмо“

Охрид, 20. јули 2020 (Inpress) – ЈЗУ Специјализирана болница за ортопедија и трауматологија „Св. Еразмо“ од Охрид деновиве прославува 70 годишен јубилеј.

– Болницата е формирана на 19-ти јули 1950 година како и повеќето болници со таков карактер, за да биде „Болница за лекување на коскено-зглобна туберкулоза“. Во повеќедеценискиот стручен, кадровски и економски развој, во болницата се создаваат услови, покрај лекувањето на коскено-зглобната туберкулоза успешно да се лекуваат и цела низа други ортопедски заболувања како и да се имплементираат нови методи на лекување на акутната траума и последиците на траумата на локомоторниот систем. Во 1988 година болницата прераснува во „Институт за ортопедија и трауматологија“, за да во 1995 година, согласно со Законот за здравствена заштита го промени називот во „ЈЗО Специјална болница за ортопедија и трауматологија“, потсетуваат од институцијата.

Во текот на своето постоење, уште од самите почетоци болницата „Св. Еразмо“ воспостави трајни релации со бројни реномирани институции и професионалци од светски ранг како со Научно истражувачки центар за реконструктивна ортопедија и трауматологија „Илизаров“ од Курган, Русија и неговиот основоположник проф. д-р Илизаров, потоа соработката со Институтот „Кало“ од Берг Плаж, Франција и посети на проф. д-р Шопен.

Во моментов во болницата работат 253 лица, од кои 30 доктори специјалисти, 8 доктори на специјализација и 2 доктори на општа пракса, кои секојдневно се соочуваат со здравствените предизвици и успешно лекуваат илјадници пациенти. (Крај)

извор: Inpress фото: архива