Охрид ќе испрати финансиска помош за српскиот град Нови Пазар

Охрид, 30. јули 2020 (ИНПРЕС) – Со 23 гласови „за“ градските советници дадоа согласност Охрид да испрати финансиска помош за српскиот град Нови Пазар, како знак на солидарност во борбата против пандемијата на COVID-19, со која се соочува овој најпогоден град во Република Србија.

Иницијативата беше на заменик министерот за политички систем и односи меѓу заедниците, Неџад Мехмедовиќ и градоначалникот на Охрид, д-р Константин Георгиески.

Двата града кои се на листата на заштитни подрачја на УНЕСКО, од минатата година се во процедура на збратимување. Ваквата идеја се родила на Младинската работна акција „Рибариќ“ што се одржа во Нови Пазар, каде учествуваа членовите на младинската бригада од Акцијашкиот клуб „Брег на младоста“ од Охрид.

Во месец август лани на седница на Градскиот совет беше изгласана одлуката за збратимување на градот Нови Пазар со општина Охрид. Делегација на Нови Пазар предводена од градоначлникот Нихат Бишевац во декември беше во Охрид, по повод одбележувањето на Денот на патронот на градот Св.Климент Охридски. Се очекува општина Охрид да ја донесе одлуката за збратимување со Нови Пазар, со што овие два града и формално ќе ја зацврстат меѓусебната соработка.

Општина Охрид досега е збратимена со 14 градови, а има потпишано и протоколи за соработка со 18 општини. (Крај)

извор: ИнПрес фото: архива