Општина Охрид не издала дозвола за одржување на концерти на просторот во поранешната касарна

Општина Охрид не издала дозвола за одржување на концерти на просторот во поранешната касарна

Охрид, 30. јули 2020 (ИНПРЕС) – Во моментов немаме издадено дозвола за одржување на концерти на просторот во поранешната касарна, иако менаџерските куќи ги промовираат настаните и термините за одржување.

– Нема да биде издадена дозвола за користење на просторот, доколку организаторите не ги поседуваат сите капацитети утврдени во одредбите од протоколот, истакна на денешната прес конференција градоначалникот на Охрид, д-р Константин Георгиески.

Тој е дециден дека најголемиот проблем за надлежните институции се најавите за организација на бројни музички настани на повеќе локации на отворено, кои се очекува да привлечат голем број посетители, затоа што се одржуваат за време на Илинденскиот викенд, кој традиционално е најисполнет и го означува шпицот на сезоната во Охрид.

Кризниот штаб на општина Охрид вчера одржа седница од која се упати препорака до организаторите да не ги организираат и одржуваат настаните доколку немаат капацитети за почитување и спроведување на протоколот за начинот и условите за организација на настани.

Канал 5: Ниту еден организатор не ги пријавил најавените концерти во Охрид

Пред само два дена, Канал 5 јави дека ниту еден организатор, домашен или странски, не пријавил некој од најавените концерти за ова лето во Охрид.

– До овој момент во СВР охрид не е добиено официјално барање од институција која што е организатор на концерти, домашна или странска, и не се најавени концерти во Охрид. СВР по допрен глас дозна за најавените концерти и изврши одредени контакти со досега познати организатори на музички концерти во Охрид и земјава, но од нивна страна не е добиена информација дека истите биле вклучени во некаква организација на музички концерти во Охрид, велат од СВР Охрид за Канал 5.

Според истиот извод, доколку има концерти, во рамките на своите законски активности, СВР Охрид самостојно, но и во соработка со ДПИ и други надлежни служби ќе врши интензивни контроли во однос на безбедносно-здравствените протоколи од COVID-19.

Од СВР Охрид најавиле и дека ќе поднесат соодветни пријави за непочитување на протоколите.

Во исто време, охридската јавност е со поделени мислења за тоа дали треба да се организираат вакви масовни настани, особено во време кога се’ уште имаме високи бројки на заболени лица од COVID-19. Неодамна на угостителските објекти им беше наложено дека нема да можат да организираат музички и Дџ настани на отворен и затворен простор и дека е задолжително менаџирање со редарски служби на влегувањето на гостите. (Крај)

извор: ИнПрес фото: архива