Расказот „Гладоморје“ добитник на наградата „Живко Чинго“

Расказот „Гладоморје“ добитник на наградата „Живко Чинго“

Охрид, 6. август 2020 (ИНПРЕС) – Расказот „Гладоморје“ под шифра „Квечеруваме“ е добитник на наградата „Живко Чинго“ за 2020 година што општина Охрид ја доделува по повод одбележувањето на традиционалната културна манифестација „Вечер на Живко Чинго“.

По распишаниот конкурс, до жири комисијата во состав, проф. д-р Димитар Пандев- претседател, проф. Славе Ѓорѓо – Димоски член и Григор Стојкоски – член, пристигнаа 78 раскази од кои 7 не ја исполнуваа анонимноста на конкурсот.

Жири комисијата избра десет раскази во поширок и четири раскази во потесен избор. На вчерашниот работен состанок едногласно било одлучено наградата Живко Чинго за 2020 година да му припадне на расказот „Гладоморје“ под шифра „Квечеруваме“.

– „Гладоморје“, претставува нов тип истражувачко искуство во македонската проза засновано врз принципот на асоцијативност, имагинативност со можна алегорија која упатува на универзални концепти на современото живеење во кое насилството хиерархиски се издигнува над другите примитивни човекови опстојби, велат од комисијата.

Авторот на расказот со четвртиот примерок најдоцна до 11-ти август треба да дојде во просториите на општина Охрид и да го докаже своето авторство.

Наградата за најдобар расказ е една и изнесува 30.000 денари. (Крај)

извор: ИнПрес фото: архива