Охрид, 7. август 2020 (ИНПРЕС) – Околу 160 работодавачи од вкупно 551 кои ја затаија државната помош и не ги исплатија парите на работниците ќе се спасат од кривична одговорност.
Газдите на фирмите, меѓу кои има и компании од Охрид, имаат рок уште денес да им исплатат пари на вработените од владината помош.
– Во понеделник ќе ја доставиме листата до Основното јавно обвинителство за фирмите кои според ажурираниот список на УЈП до денес нема да исплатат плата на вработените, а на кој им била исплатена финансиска помош. За оние кој извршија исплата во претходните денови нема да се бара кривична одговорност, рече Драги Рашковски, Генерален секретар на Владата.
Последниот ажуриран список од УЈП се однесува на газдите кој заклучно со 4-ти август не ги исплатиле платите на вработените.
– Листата на фирми кои не исплатиле плата на своите вработени секојдневно се ажурира и истата се доставува до Генералниот секретаријат на Владата. Заклучно со плаќањата до 04.08.2020 година, за април не исплатиле плати 172 фирми, а за мај 241 фирми на кои им била исплатена финансиска помош, а не исплатиле плата на вработените, наведуваат од УЈП.
Од Управата за јавни приходи претходно обелоденија дека сопствениците на 708 компании во Охрид, Скопје, Тетово, Струга, Гостивар и Куманово зеле пари од државата, но ниту денар не префрлиле на работниците. Околу 3.750 компании, пак, им исплатиле на вработените помалку од минималецот. Најголем дел од компаниите се од дејностите: трговија на мало, подготовка на оброци и служење храна и транспорт. (Крај)
извор: Алсат М/ИнПрес фото: архива