Охрид пред уште еден продолжен, празничен викенд – ова лето ќе се памти…

Охрид пред уште еден продолжен, празничен викенд – ова лето ќе се памти…

Охрид, 27. август 2020 (ИНПРЕС) – Иако деновиве е видно намален бројот на посетители, Охрид е пред уште еден продолжен, празничен викенд, во рамките на кој повторно се очекуваат бројни гости.

Одложувањето на почетокот на школската година, но и најавените високи температури, се очекува да го наполнат градот, кој не памети вака долга, но и вака невообичаена сезона. На сето тоа, покрај COVID-19 пандемијата, придонесоа бројни фактори, особено затворањето на границата со Грција за македонските граѓани, но и туристичките ваучери кои ги додели Владата.

За последиците од тие мерки, дали се исправни, дали на овој начин и во оваа форма, ќе мора да се направи посебна анализа, затоа што во исто време се „туркаше“ кампања за развивање на домашен туризам и дека „лежалката можела да се замени со болнички кревет“.

Ова лето во Охрид, можеби за прв пат со ваква бројност и на толку мал простор, се сретнаа оние кои Малдивите, Бали, Куба, најелитните летувалишта во Туција, Грција и останатите егзотични дестинации мораа да ги заменат со Охрид, со оние за кои Охрид бил дамнешна желба. Тоа е за посебно истражување за оние кои се занимаваат со туризам и оние кои треба да носат насоки за негов развој во нашата земја.

Како и да е, полека го оставаме летото зад нас. Корона или не, сепак повеќе од јасно е дека паднавме на заедничкиот испит за почитување на мерките. Дури и да се точни „анализите“ на оние кои тврдат дека Корона вирусот не постои, дека е наметнат од некои мрачни сили кои сакале да не чипираат, вакцинираат и слично, сепак е јасно што ќе биде со сите нас доколку не погоди „вистинска“ пандемија. Со ваков однос кон себе, најблиските и заедницата, единствено што е јасно е дека „има да не нема“.

Ова лето ќе се памти… (Крај)

извор: ИнПрес фото: архива