Охридскиот мешан хор „Вокс Лихнидос“ ќе настапи на фестивалот „Тетовски хорски одѕиви“

Охридскиот мешан хор „Вокс Лихнидос“ ќе настапи на фестивалот „Тетовски хорски одѕиви“

Тетово/Охрид, 16. септември 2020 (ИНПРЕС) – Охридскиот градски мешан хор „Вокс Лихнидос“ ќе биде дел од фестивалот „Тетовски хорски одѕиви“, кој по 29-ти пат во недела ќе се одржи во духовно-културниот центар „Кирил Пејчиновиќ“ во Лешочкиот манастирски комплекс.

-Поради коронавирусот редовниот термин од јуни го одложивме за сега, во септември. Успеваме во согласност со хоровите да се усогласиме за настапи според протоколите за спречување на ширење на COVID-19 во духовно-културниот центар „Кирил Пејчиновиќ“ во Лешок. Новина оваа година ќе биде тоа што учесниците од Македонија ќе настапат во живо, додека хоровите од Албанија, Бугарија, Србија и Косово ќе бидат застапени онлајн преку видео врска. Така ќе го одржиме меѓународниот карактер на фестивалот и да покажеме дека нема граници на хорската музика, рече Ивица Зориќ, претседател на ТЕХО и диригент на хорот „Менада“.

Фестивалот ќе почне во недела во 13:00 часот со концерт на детскиот хор „Свети Кирил и Методиј“ од Велес. Потоа ќе настапиа преку видео врска мешаниот хор „Сипарантум“ од Пеќ, Косово по што ќе следува настапот на професионалниот хор „Про арс“ од Скопје. Од 18:00 часот ќе настапи градскиот мешан хор „Вокс Лихнидос“ од Охрид, академскиот хор „СКЦ Универзитет“ од Ниш, градскиот женски младински хор „Менада“, хорот Розафа Експресион од Скадар и мешаниот камерен хор „Рождество на Пресвета Богородица“ од Скопје. Како дел од манифестацијата ќе биде и изложбата на ликовни дела насловена „ Во Слава на Бога“ создадени од 12 деца од 7 до 14 години во рамки на ликовната работилница предводена од Славчо Максимовски. Ќе се одигра и театарската монодрама „Чај со рум“ на отворено во предворјето на црквата Света Богородица во Лешочкиот манастирски комплекс од 19:30 часот.

Фестивалот ТЕХО за прв пат се одржал 1973 година и се одржува на секои две години. Од 2012 започнаа и фестивали на православна музика. (Крај)

извор: МИА фото: МИА