Македонија 13 години без својот музички ангел Тоше Проески

Македонија 13 години без својот музички ангел Тоше Проески

Крушево, 16. октомври 2020 (ИНПРЕС) – Денес се навршуваат тринаесет години од прераната смрт на македонската музичка легенда Тоше Проески.

Тој загина на 16-ти октомври 2007 година околу 06:20 часот во сообраќајна несреќа на автопатот кај Нова Градишка, Република Хрватска. Џипот со кој што управуваше пријателот на Тоше, 32-годишниот Ѓорѓи Ѓорѓевски, поради неприлагодена брзина и премалото растојание помеѓу возилата, удри во приколката на камионот кој што се движел пред нив, при што страната на совозачот, каде што седел Тоше, заврши под приколката на камионот.

Тоше имаше само 26 години. Во својот краток живот остави ноти и зборови, но најмногу остави надеж дека она човечкото во нас не е изгубено и дека можеме да бидеме едно, само ако посакаме.

Роден е во Крушево каде и го завршува основното училиште. Љубовта кон музиката го носи во клупите на средното музичко училиште во Битола, а подоцна на Факултетот за музички уметности во Скопје.

Годинава Охрид на симболичен начин ќе ја одбележи 13 годишнината од смртта на најдобриот македонски пејач Тоше Проески.

-Во петок, 16-ти октомври, ги повикуваме сите угостителски објекти да ги пуштаат песните на Тоше. Тоа е најмалку што можеме да направиме во спомен на македонскиот ангел. Идејата е со големо задоволство прифатена од кафетериите и хотелските објекти во центарот на градот, од бродовите и катамараните. Интернет порталот OhridNews ќе посвети посебна сторија за македонскиот музички гениј, Супер радио во петок во текот на целиот ден ќе ги емитува најголемите негови хитови и ќе објавува посебно подготвени информации за неговиот живот и дело, а на регионалната ТвМ телевизија ќе биде емитуван документарен филм посветен на прерано починатата музичка ѕвезда, информираат организаторите од Лајонс клубот „Лихнидос“ од Охрид.

Додаваат дека во иднина планираат и поставување на пригодно мермерно спомен обележје на Тоше, веднаш до паметникот посвете на Горан Стефановски.

-Со креирање на таква Алеја на великаните, Охрид на најдобар начин ќе покаже респект кон најзначајните претставници на современата македонска култура и уметност, потенцираат од ЛК „Лихнидос“. (Крај)

извор: ИнПрес фото: архива