Охридскиот Црвен крст и годинава ја организира кампањата „Ден на борба против глад“

Охридскиот Црвен крст и годинава ја организира кампањата „Ден на борба против глад“

Охрид, 16. октомври 2020 (ИНПРЕС) – Под мотото „Помислете на нас“, охридскиот Црвен крст традиционално ја организира кампањата за „Ден на борба против глад“.

Целта е да се поттикнат граѓаните, компании, фирми, банки итн. активно да учествуваат во оваа хуманитарна акција, која е дел од Меѓународниот ден на борба против гладта 16-ти октомври и Неделата на борба против гладта (16-22 октомври).

Активностите се насочени кон прибирање на доброволни прилози наменети за набавка на прехрамбени производи за подготовка на хуманитарни пакети за социјално најзагрозените семејства од Охрид и Дебрца.
Во текот на Неделата на борба против гладта од 16-22 октомври во повеќе градски маркети ќе бидат поставени пунктови на Црвен крст Охрид со видно обележени корпи во кои хуманите сограѓани ќе можат да донираат прехрамбени производи.

-Во животот, на луѓето им се случуваат немили настани како губење работа, болест во семејството, губење на близок член, природни катастрофи како поплава, пожар… и сл. и истото повлекува финансиски проблеми кои го нарушуваат секојдневното живеење и тогаш приоритетите се менуваат. Тогаш храната е најголем приоритет кој треба да се обезбеди, а потоа да се соберат сили и да се надминат и другите потешкотии. Дополнителна закана за најранливите лица и семејства е токму ширењето на COVID-19 со што се продлабочи несигурноста во обезбедување на храна. Социјално ранливите семејства често бараат храна токму во Црвениот крст, кој има улога да го намали страдањето и да им даде поддршка во најтешките моменти, потенцираат од Црвен крст Охрид. (Крај)

извор: ИнПрес фото: архива