Филипче: Можни се нови рестриктивни мерки, целосна забрана за секакви настани, ништо нема да работи по 23:00 часот

Филипче: Можни се нови рестриктивни мерки, целосна забрана за секакви настани, ништо нема да работи по 23:00 часот

Скопје, 16. октомври 2020 (ИНПРЕС) – Бројките на заболени од корона вирусот се за и секаде во светот е ваква ситуацијата со пандемијата. Состојбата се следи, а доколку се влоши од понеделник ќе предложиме и нови рестриктивни мерки, рече на денешната прес конференција министерот за здравство Венко Филипче.

– Утрово одржавме состанок со Комисијата за заразни болести. Ќе се предложат дополнителни рестриктивни мерки по евалуација на ситуацијата во следните денови и викендов, во понеделник ако има потреба ќе бидат предложени до Владата. Тоа би вклучувало ограничување на капацитетот на луѓе до 50 проценти во јавниот превоз, целосна забрана за секакви настани и крај на работното време на сите економски оператори во 23:00 часот, изјави Филипче.

За пакетот рестриктивни мерки предложени минатата недела до Владата за кои беа потребни законски измени, Филипче информира дека законот е веќе во собраниска процедура и се очекува негово усвојување. Станува збор за одлука за носење на опремата секаде при престој на отворено, на затворено во јавни објекти, на работно место и во јавен и приватен транспорт, за забрана за групирање во домови на семејни прослави, слави и други собири во групи, при што се предлага на семеен настан во едно живеалиште, стан или куќа да може да се примат најмногу четири луѓе; како и предлогот да се забрани групирање на повеќе од четири лица на јавен простор после 22:00 часот односно да се забрани групирање по паркови, јавни површини или било каде на отворено.

Министерот Филипче рече дека има сериозен процент на новозаболени кои не знаат да кажат каде се заразени.

– Со овие мерки таргетираме места каде има групирање и влијаеме на повеќе места да се намали ризикот на трансмисија. Доколку продолжи овој тренд на зголемување на случаи овој пакет на мерки заедно со претходниот сериозно ќе ја редуцира можноста за трансмисија на вирусот, вели Филипче. (Крај)

извор: ИнПрес фото: архива