Караџовски: Во моментов не се размислува за полициски час, но е опција ако нема резултат од мерките

Караџовски: Во моментов не се размислува за полициски час, но е опција ако нема резултат од мерките

Скопје, 16. октомври 2020 (ИНПРЕС) – Анализата на епидемиолошките податоци во последните три дена, кога имаме драстично зголемен број на позитивни лица, од кои највисокиот процент е на возраст од 20 до 39 години, укажува дека одредени настани кои се случиле во нашето секојдневно опкружување се главниот промотор на поголем број случаи, тоа значи журките, концертите, местата каде има забави и не се почитуваа мерките за заштита, истакна на денешната прес конференција епидемиологот д-р Жарко Караџовски.

Тој повторно порача до граѓаните да ги почитуваат мерките, затоа што ако се преполнат болничките капацитети ќе се доведат во прашање ресурите за лекување на болните. Четири основни мерки треба да бидат испочитувани: дезинфекција на раце, носење маска, држење достанца и негрупирање.

– Доколку ништо од ова не се почитува, што ни останува понатака. Затоа ве замолувам и медиуми и населние, самите ако не си помогнеме, не можат да ни помогнат уште 500 доктори , 500 сестри и уште 20 болници. Сето тоа ќе се исполни брзо, ако имаме зголемен број, а ние работиме уште од март месец со засилено темпо. Бараме помош од сите, од медиуми, од политички партии, од широкото населние. Зголемување на бројките ќе не одведе до преполнување на болничките капацитети. Ние можеме да правиме ротации на колегите, меѓутоа тоа се тие луѓе, нивниот број е ограничен. Не по 200, 300 луѓе на ден, можеме да имаме и по 1.000 доколку не почитуваме, потенцира Караџовски.

Епидемиологот истакна дека дека и покрај тоа што не биле дозволени свадби, концерти и свирки по кафулињата, тоа се случувало.

– Никаде не беше кажано дека може да се организираат свадби, никогаш не сме рекле како комисија и министер за здравство дека се дозволени, ама во државава се организираа еден куп свадби, нешто што сите го знаеме. Колку пати сме виделе од оние што им било забрането настани концерти па ги одржале, истакна Караџовски.

Тој потенцира дека во моментов не се размислува за полициски час, но со оглед на тоа што не се исцрпени сите мерки, ќе биде опција ако од досегашните нема резултат. (Крај)

извор: ИнПрес фото: архива