Во редовите на ГРК Охрид се прават редовни ковид тестирања, согласно протоколите на РФМ, сé тече во најдобар ред

Во редовите на ГРК Охрид се прават редовни ковид тестирања, согласно протоколите на РФМ, сé тече во најдобар ред

Охрид, 28. октомври 2020 (ИНПРЕС) – Со редовни тренинзи и веќе две одиграни кола, ракометарите на Охрид го продлжуваат патот во Супер лигата.

По принудната пауза поради позитивни играчи на COVID-19 сé тече во најдобар ред. Направени се тестирања на ракометарите и управата, согласно протоколите на Ракометна федерација на Македонија и нема нови позитивни случаи, вели во изјава за Супер радио и InPress спортскиот директор на клубот, Горан Недески.

– Ние минатата недела направивме тестирања согласно протоколите на Ракометна федерација на Македонија, нема позитивен случај. Вечерва имаме еден натпревар и во петок, по што следната недела ќе имаме повторно тестирање, вели Недески.

„Гладијаторите“ неделава играат два натпревари. Вечерва од 19:00 часот гостуваат во Скопје, кај „Јуниор Кисела вода“, а љубителите на ракометот средбата може да ја следат преку директниот пренос на МТВ 3. Во петок на домашен терен го пречекуваат струмички Астарион, по што ќе имаат 10 дневна интернационална пауза, поради собир на репрезентацијата. За текот и начинот на одигрување на следните натпревари, ќе се чекаат насоките од РФМ. (Крај)

извор: ИнПрес фото: архива