Ученици и земјоделци од Охрид, Битола и Македонски Брод се едуцираа за климатските промени

Ученици и земјоделци од Охрид, Битола и Македонски Брод се едуцираа за климатските промени

Охрид, 30. октомври 2020 (ИНПРЕС) – Низок степен на познавање на јавноста во Охрид, Битола и Македонски Брод за причините и последиците од климатските промени и недоволна афирмација и застапеност на климатските промени во наставните планови и вон наставните активности во основните училишта во овие градови, се дел од проблемите лоцирани за време на спроведувањето на проектот „Иднина за климата, одлучи и дејствувај“.

Проектот е реализиран во периодот од септември лани до октомври годинава и во него биле вклучени 50 проценти од учениците од основните училишта во Охрид, Битола и Македонски Брод и над 100 земјоделци од руралните места во овие општини. Проектот го спроведуваше движењето за околината „Молика“ од Битола во соработка со еколошкото друштво „Треска“ од Македонски Брод и еколошкото друштво „Грашница“ од Охрид. Резултатите од проектот покажуваат и дека земјоделските производители немаат соодветни познавања за причините и последиците од климатските промени, како и за нивното фактичко или можно влијание.

Одржани се и шест обуки во кои директно бил вклучени повеќе од 100 земјоделци на кои тие добиле прецизни насоки за тоа што треба да преземат и како да делуваат во насока на превенција, заштита и адаптација на климатските промени. Очекувањата на организаторот на проектот се дека индиректно, преку размена на информации, со едукацијата би биле опфатени меѓу 1.000 до 3.000 земјоделци.

– Со цел да ги пренесеме сознанијата од проектот на локалната самоуправа организиравме три средби со советници во општините во Битола, Охрид и Македонски Брод. Од средбите со советниците од ЕЛС во трите градови, произлегоа заклучоци и намера од советниците да иницираат и поддржат можности за обезбедување на локални финансиски средства наменети за активности кон намалување на негативните влијанија врз климата на локално ниво, велат организаторите. (Крај)

извор: МИА фото: архива