Јакимоски: Целта на The Backdoor Band е да ја промовира рок културата

Јакимоски: Целта на The Backdoor Band е да ја промовира рок културата

Охрид, 4. ноември 2020 (ИНПРЕС) – Охриѓаните The Backdoor Band прославија забележителен јубилеј – 10 години постоење на групата.

-Од мала гаража, од две-три (некогаш и погрешни) ноти, прераснавме во респектиран бенд, во најголем дел благодарение на вас. Ви благодариме што бевте со нас цело ова време, што едноставно ни дадовте можност да се покажеме и да го работиме тоа што најдобро го знаеме. Низ овие 10 години поминале секакви моменти, добри, лоши, комични, но сепак моменти кои цел живот ќе ги памтиме и прераскажуваме, порачаа од бендот за годишнината.

Повеќе за The Backdoor Band од интервјуто за OhridPress на вокалистот и басист на групата Жарко Јакимоски.

Image may contain: text that says 'WE NEED IS ROCK N ROLL ALI E N BACKDOOR BAND'

OhridPress: The Backdoor Band веќе полни 10 години успешно опстојува на македонската музичка сцена. Кажете ни кои се’ музичари поминаа низ бендот изминативе години?

Јакимоски: Освен сегашната постава, која се состои од Жарко Јакимоски (бас и вокал), Лазе Фармакоски (гитара) и Никола Колјушевски (тапани), долги години член на бендот беше и Александар Марковиќ како басист. Во самиот зачеток, пред овој 10 годишен јубилеј, продефилираа и уште неколку други музичари, но за тоа поопширно во некоја друга прилика.

OhridPress: Познати сте како вистински мајстори на вечерните свирки. Каде се имате настапувано, во земјата и надвор од неа?

Јакимоски: Во Македонија скоро и да не постои место каде што не сме настапиле. Надвор од земјава имаме настапувано во Норвешка, Германија, Романија, и во скоро сите земји на Балканот.

Охриѓаните The Backdoor Band слават 10 години постоење

OhridPress: Кои се музичарите и групите кои оставија силен белег врз вашата музика?

Јакимоски: Конкретно, не постои некој бенд или музичар според кој сме се воделе во нашето творење или настапи. Но сепак, нормално дека сме влечеле инспирација, примери и сме се огледувале на цела една плејада на бендови од најразличните гранки на рокенролот, кои не оформиле прво културолошки и како слушатели, па подоцна и како музичари.

Image may contain: one or more people, people on stage, people playing musical instruments, guitar, concert, night and indoor

OhridPress: Ноќните свирки се едно, но Вие имате и авторска музика. Колку авторски песни имате снимено?

Јакимоски: До сега, сме снимиле 6 песни, од кои една е на англиски јазик, а една е снимена паралелно и на македонски и на англиски јазик. Сите тие се пропратени и со видео записи.

Image may contain: Zarko Jakimoski, playing a musical instrument

OhridPress: Публиката Ве знае и по еден навистина интересен настан наречен Truck & Roll. Секоја година го привлекувавте вниманието на јавноста со овој атрактивен музички перформанс. Оваа година од разбирливи причини истиот не се одржа. Како комуницирате со публиката со „новото нормално“?

Јакимоски: Оваа година, за жал, не постоеја елементарни услови за одржување на настанот. Тоа е настан кој покрај нашата музика не одбележа како бенд и станавме препознатливи поради истиот. Во новонастанатава ситуација е многу отежната комуникацијата меѓу нас и публиката, меѓутоа се трудиме да не се изгуби во потполност, најчесто преку социјалните мрежи, како најмоќен медиум на денешницата. Исто така, одржавме и online настап преку live stream, со цел да внесеме малку ведрина во овие тешки времиња, а и да ги потсетиме нашите слушатели на тоа што го знаеме и умееме.

Image may contain: 1 person

OhridPress: Дали може да очекуваме нов материјал од групата. Дали слободното време кое го имаме во претек со корона кризата го искористивте за да креирате нова музика?

Јакимоски: Секако дека да. Искрено, поради комплицираната вонредна ситуација и ние како и многу други паднавме во своевидна „летаргија“ и мала криза на креативност, меѓутоа имаме нов недоработен материјал на кој што треба допрва да му се посветиме. Па очекувајте нови работи од нас, дефинитивно. Сепак тоа е и целта на The Backdoor Band, ќе продолжиме да ја промовираме рок културата и да ги изненадуваме нашите слушатели и понатаму. (Крај)

извор: ИнПрес фото: архива