Владата ја почна постапката за прогласување кризна состојба на територијата на цела држава

Владата ја почна постапката за прогласување кризна состојба на територијата на цела држава

Скопје, 20. ноември 2020 (ИНПРЕС) – Владата на синоќешната седница ја почна постапката, согласно препораката од Советот на безбедност, за прогласување кризна состојба на целата територија на државата во траење од 30 дена, со цел ефикасно справување со последиците од кризата заради COVID-19.

– Во таа насока, согласно Законот за управување со кризи на вечерашната седница Владата донесе решение за изменување на Решението за именување членови на Групата за процена, со кое за членови на оваа група се именуваат Стојанче Ангелов, вршител на должност директор на Центарот за управување со кризи и Беким Максути, вршител на должност директор на Дирекцијата за заштита и спасување. На оваа седница е донесено и решение за изменување на Решението за именување членови на Управувачкиот комитет за координација и управување во системот за управување со кризи и за членови на Комитетот го именуваше Стојанче Ангелов, вршител на должност директор на Центарот за управување со кризи и раководител на Групата за процена, информираат од Владата.

Сега Управувачкиот комитет за координација и управување во системот за управување со кризи до Владата треба да достави предлог, по што како што најави премиерот Заев, најдоцна до вечер ќе биде прогласена кризна состојба. (Крај)

извор: ИнПрес фото: архива