Донев: Со оваа власт нема и нема да има заштита на Охрид и Охридското Езеро според препораките од УНЕСКО

Донев: Со оваа власт нема и нема да има заштита на Охрид и Охридското Езеро според препораките од УНЕСКО

Охрид, 20. ноември 2020 (ИНПРЕС) – Во изминатиот период сведоци сме на сите лажни ветувања со кои оваа гарнитура на СДС дојде на власт, критикувајќи ги тогашните состојби воедно ветувајќи промени.

Еден од најексплицитните примери за тоа е грижата за Охридското Езеро и алармантното ниво на водата, порача на денешната прес конференција претседателот на ОК на ВМРО-ДПМНЕ од Охрид Сашо Донев.

-Тогаш критикуваа и објаснуваа како треба. Дека никој нема право да ги злоупотребува природните богатства за да прикрива неодговорни политики, а сега состојбата е најдраматична од било кога, односно никогаш не била ни приближно како што е денес. Во времето кога држеа пресови симулирајќи наводна паника им ветуваа на граѓаните поинакво менаџирање. За потсетување Охридското Езеро нема концесионер, дивите градби околу езерото не се срушени, а освен палмите ниту една мерка не е спроведена од препораките на УНЕСКО. Ги охрабруваме невладините организации, екологистите и Хидробиолошкиот завод кој егзистира децении на брегот на езерото, да се јават со свој официјален став, да бидат јасни и гласни околу последиците од ваквата алармантна состојба и последиците коишто ќе следат по флората и фауната на езерото. Заштитата на растителниот и животинскиот свет во езерото е должност и обврска на Заводот како институција којашто треба да се грижи за еко-системот на езерото. За жал со оваа власт нема и нема да има заштита на Охрид и Охридското Езеро според препораките од УНЕСКО. Имаше и ќе има само лажни вести и мачкање на очи. Но замачканите очи сепак гледаат, а умот и разумот на граѓаните бележат, порачаа од партијата. (Крај)

извор: ИнПрес фото: ВМРО-ДПМНЕ