До крај на годинава Охрид ќе ја добие модуларната болница

До крај на годинава Охрид ќе ја добие модуларната болница

Охрид, 25. ноември 2020 (ИНПРЕС) – До Нова година во Охрид треба да биде поставена најавената модуларна болница за зголемување на капацитетите за згрижување на пациенти со COVID-19.

Како локација е избран просторот позади одделението за геријатрија. Како што претходно беше најавено, ќе бидат поставени два монтажни објекти со целокупна опрема и капацитет од 40-на легла.

Првиот човек на Општата болница д-р Горан Балески за Супер радио и InPress истакна дека теренот се подготвува од страна на охридските јавни претпријатија, а во тек е поставување довод на електрична енергија. Задача на општината, согласно договорот со министерството за здравство е тампонирање на теренот, доведување водоводна и канализациона линија.

Во болничкиот комплекс во Охрид се подготвува теренот за поставување модуларна болница

Во однос на мометалната состојба, хоспитализирани се околу 110 пациенти, околу 40 се на кислородна поддршка. Меѓу пациентите има помлади и повозрасни, но и такви со тешка клиничка слика.

По вчера регистрираните 32 новозаболени, бројката на активни случаи со коронавирус во градов се искачи на 620, од вкупно 1.429 заразени од почетокот на пандемијата. (Крај)

извор: ИнПрес фото: ИнПрес