Повторно одложено судењето на Нефи Усеини, бил позитивен на COVID-19

Повторно одложено судењето на Нефи Усеини, бил позитивен на COVID-19

Охрид, 27. ноември 2020 (ИНПРЕС) – Во судот во Охрид денеска повторно не се одржа рочиштето на процесот во кој се обвинети Нефи Усеини и неговиот брат Ибраим Усеини.

Претседателот на судот, Васил Баткоски, во изјава за ИРЛ рече дека поради здравствени причини судењето е одложено.

Освен денешното рочиште беше закажано уште едно за 3-ти декември, но поради позитивниот тест на Усеини ново судење е закажано во јануари.

Рочиштата во кои е обвинет Усеини повеќе пати за одлагаат поради разни причини. Во октомври тој не се појави во судот бидејќи бил на операција на синуси во Турција. Претседателот на судот Баткоски вели дека по враќањето од Турција Усеини доставил медицинска документација како течело лекувањето.

Нефи Усеини и неговиот брат се обвинети за насилство што се случи на 18-ти август пред хотел во Охрид, кога физички го нападнале охриѓанецот Спиро Топаловски. На браќата им беше одреден притвор од осум дена, но тие шест дена беа во бегство по што сами се пријавија во затворот во Охрид.

Нефи и Ибраим Усеини понудија гаранција во висина од 30.000 евра во кеш за да им се укине мерката притвор или да им се замени затворскиот со домашен притвор или друга поблага мерка. Обвинителството не ја прифати првата понуда, па потоа браќата Усеини понудија гаранција од 850.000 евра во недвижен имот и беа пуштени да се бранат од слобода. Во притвор беа 16 денови.

Освен гаранцијата во недвижен имот други мерки за обезбедување не му се одредени на Усеини. Пасошот не му е одземен, па така тој минатиот месец замина на операцијата на синуси во Турција. (Крај)

извор: ИРЛ фото: ИРЛ